Прв клинички тест на делумно клеточно репрограмирање – фокус на регенерација на оптичкиот нерв

За првпат во клиничко испитување врз луѓе е тестиран пристап кој има за цел старите клетки да ги поттикне да добијат функционални карактеристики слични на помладите, што претставува значаен чекор во истражувањата за стареење и нивна потенцијална медицинска примена.

Станува збор за експериментална терапија која не е насочена кон продолжување на животниот век, туку како можен начин за лекување слепило предизвикано од глауком.

Истражувањето, финансирано од компанијата „Лајф биосајенс“ од Бостон и објавено во списанието „Nature“, се базира на техника позната како делумно клеточно репрограмирање. Наместо целосно враќање на клетките во состојба слична на матични, целта е да се обноват нивните „младешки“ карактеристики, додека се зачува нивната специјализирана функција.

Активирање на гени и обиди за регенерација на неврони

Во студијата, научниците активирале три гени со цел да ги поттикнат старите клетки да се вратат во помлада состојба и да се стимулира регенерација на оштетените неврони во оптичкиот нерв, кој ги пренесува визуелните информации од окото до мозокот.

Овие неврони, по правило, не се обновуваат по оштетување. Од „Лајф биосајенс“ соопштија дека првиот учесник веќе ја примил терапијата.

Безбедноста и ризиците остануваат клучен предизвик

Иако претклиничките испитувања врз животни дале охрабрувачки резултати, научниците предупредуваат дека безбедноста останува еден од најголемите предизвици, особено поради можниот ризик од канцерогени промени.

„Репрограмирањето има голем потенцијал ако може безбедно да се примени кај луѓето. Технологијата е сè уште во рана фаза, а потенцијалот за сериозни несакани ефекти е висок“, изјави за „Nature“ Мет Кеберлајн од „Optispan“ во Сиетл, кој не бил вклучен во истражувањето.

Тој додава дека окото може да биде погоден прв орган за тестирање, бидејќи ризикот од животозагрозувачки последици е помал во споредба со интервенции на други органи.