Во населбата Подстаница во Општина Кисела Вода денеска свечено беше пуштен во употреба новиот објект „Ѕвездички“, кој претставува прва детска градинка во ова населено место. На настанот присуствуваа градоначалничката на општината, Бети Стаменкоска Трајкоска, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кои го означија почетокот на работата на оваа установа.
Капацитетот на „Ѕвездички“ првично е предвиден за 40 дечиња на возраст од 2 до 6 години, со можност за понатамошно проширување. Децата ќе бидат сместени во две занимални уредени според најсовремените стандарди за предучилишно воспитание и образование.
Преку грант од Светска Банка, обезбеден во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, објектот е целосно опремен со нов мебел, дидактички материјали, постелнина и комплетна кујнска опрема. Паралелно со ова, општинските служби активно работат на партерното уредување на дворот.
„Станува збор за објект кој се реконструираше со поддршка на Владата на Република Македонија, за што морам да упатам искрена благодарност до премиерот, проф. д-р Христијан Мицкоски, до ресорното министерство, министерот Велковски и сите засегнати страни. Посебна благодарност и до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој како претходник го започна ова, а ние заедно сите го завршивме. Станува збор за објект каде имаме две занимални за возраст од две до шест години, со вкупен капацитет од засега четириесетина дечиња, со можност оваа бројка дополнително да биде зголемена. Имаме и чајна кујна, просториите се навистина убаво организирани и заедно правиме континуирани напори да им овозможиме на најмладите убави услови и да имаме повеќе дечиња“, изјави Стаменкоска Трајкоска.
„Од овој објект кој што го одпочнавме во мандат на претходниот градоначалник на Кисела Вода, а денеска на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објект кој беше во руинирана состојба, создадовме современ, уреден и функционален простор, наменет за најмладите, простор во кој најмладите ќе имаат можност за безгрижно детство, правилен развој, игра и дружење во безбедна и поттикнувачка средина. Со оваа инвестиција обезбедуваме услови за згрижување на 40 дечиња, со можност за дополнително зголемување на капацитетот. Честитки уште еднаш до градоначалничката, до директорката и до Советот кој даде максимални напори оваа установа да стане многу поблиска до жителите на ова населено место. Особено ме радува што нашите заложби за проширување на капацитетите за згрижување на децата продолжуваат. Во наредниот период очекуваме да ја отвориме и новата детска градинка во населбата Расадник, со капацитет за повеќе од 100 деца. Нашата цел е јасна-повеќе места во градинките, подобри услови за најмладите и поголема поддршка за родителите и семејствата“, истакна Велковски.
Отворањето на градинката во Подстаница е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за континуирано проширување на капацитетите за згрижување деца. Од почетокот на овој мандат веќе е отворена градинката „Верверичка“, темелно е реновиран објектот „Кокиче“, а во завршна фаза е изградбата на новата градинка во населбата Расадник. Со ваквата динамика на работа, Општина Кисела Вода е на прагот од целосно затворање на листите за чекање за упис во градинките.
