Второто издание на форумот „Business for Business 2026“, организирано од Комерцијална банка, собра над 150 претставници на бизнис заедницата во Скопје. Настанот, кој се одржа под мотото „Посилна иднина со новите правила за раст“, овозможи директна размена на знаења и стратегии помеѓу домашните претприемачи и експертите од глобалната технолошка компанија Оракл.

Главни теми на дебатите беа интеграцијата на вештачката интелигенција, новите дигитални решенија, примената на ESG стандардите и можностите за поефикасно корпоративно банкарство. Форумот го отвори главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, д-р Маја Стевкова Штериева, која ги лоцираше клучните предизвици со кои се соочуваат менаџерите во современите пазарни услови.

„За секоја компанија, независно од нејзината големина и дејност, денес се особено важни неколку прашања, како подобро да ги искористиме расположивите ресурси, како да ја зголемиме продуктивноста и како подобро да се подготвиме за секојдневните промени на пазарот. Секојдневните оперативни обврски често оставаат малку простор за да се согледа каде се губи време и каде процесите може да се подобрат. Токму затоа ваквите средби се драгоцена можност да се разменат искуства и да се препознаат решенија што може да имаат конкретна примена во работењето“, истакна д-р Штериева.

Директорот за продажба, технологија и cloud за BAMMAK регионот во Оракл, Бојан Садиковиќ, ги претстави актуелните дигитални платформи и препораки за јакнење на капацитетите на компаниите во период од следните 12 месеци. Во рамките на панелот посветен на дигиталната трансформација, д-р Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Банката, дебатираше со Елена Филатава, регионален директор во Оракл за Адриа регионот.

Соговорниците заклучија дека воведувањето модерни технологии не смее да биде само површинска надградба на застарени процеси, туку стратешка одлука за поголема ефикасност и продуктивност.

„Стратегијата за вештачка интелигенција е бизнис стратегија. Целта не е веќе AI, туку подобри деловни резултати“, порача Филатава.

Вториот панел, насловен како „ESG како двигател на растот“, беше модериран од Билјана Хаџи-Велкова, директор на Дирекцијата за кредитирање на индустрија. Во дискусијата учествуваа заменик генералниот директор на Бучим, Ивица Карапетров, корпоративниот секретар на Алкалоид, Димитар Ристовски, и менаџерот за одржлив развој во ВВ Тиквеш, Тихомир Касапинов. Панелистите истакнаа дека исполнувањето на ESG стандардите повеќе не претставува само законска обврска, туку клучен предуслов за привлекување капитал и олеснување на пристапот до меѓународно финансирање.

Комерцијална банка ги презентираше и своите наменски кредитни линии со кои им нуди поддршка и советодавни услуги на компаниите што воведуваат одржливи модели. Во делот на технолошките иновации во банкарскиот сектор, директорот на Дирекцијата за платен промет со странство и документарно работење, Горан Купенков, го претстави новиот европски стандард EBICS (Electronic Banking Internet Communication Standard). Станува збор за решение што овозможува сигурна и директна врска помеѓу софтверите на претпријатијата и банкарскиот систем, што е особено значајно за компаниите кои реализираат обемни и комплексни финансиски трансакции.