Нов систем за влез во Шенген зоната од 12 октомври

Од 12 октомври Европската Унија започнува со постепено воведување на нов систем за влез во Шенген зоната, кој ќе важи и за македонските граѓани. Според амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, имплементацијата ќе трае шест месеци, по што правилата ќе важат на сите гранични премини.

Биометриски податоци за прв влез

Согласно новите правила, патниците ќе треба да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија при првиот влез во некоја од земјите-членки на ЕУ. Податоците ќе се евидентираат во системот и при секој следен влез ќе се врши само нивна потврда. Деца до 12 години нема да подлежат на оваа обврска.

Четири фази на имплементација

Системот за влез/излез ќе се воведува во четири фази: првите 30 дена ќе бидат опфатени 10 проценти од патниците, во рок од 90 дена 35 проценти, до 150 дена половина од патниците, а целосната примена ќе следи по 170 дена.

Разлика со ЕТИАС

Од Делегацијата на ЕУ во Скопје нагласуваат дека новиот систем е различен од ЕТИАС, кој ќе стартува во втората половина на 2026 година. ЕТИАС предвидува онлајн регистрација за граѓани на земји кои се ослободени од виза, но не собира биометриски податоци. Двата системи ќе функционираат паралелно и се сметаат за комплементарни.

МВР најави дека навремено ќе ја информира јавноста за сите детали поврзани со новите правила за патување.