Во националниот здравствен систем се регистрирани околу 24.000 лица со деменција, а според официјалните проценки, до 2050 година оваа бројка може речиси трипати да се зголеми.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска имаше обраќање на отворањето на панел-дискусијата под наслов „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, што беше организирана во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

На стручниот собир, невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје дебатираа за длабоката мозочна стимулација (DBS) кај лицата со Паркинсонова болест, како и за примената на антиамилоидните терапии со леканемаб и донанемаб во раната фаза на Алцхајмеровата болест. Воедно, се разгледуваа и сите неопходни предуслови за нивно идно воведување во македонскиот здравствен систем.

„Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест не се само дијагнози. Тоа се години живот, на пациентот и на семејството што се грижи за него. Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо“, изјави Клековски.

Според евиденцијата во националниот здравствен систем, со Паркинсонова болест во моментов живеат околу 8.000 граѓани, од кои најголемиот дел се згрижени во домашни услови од страна на своите семејства.

Клековски нагласи дека Министерството за здравство има целосна подготвеност да го сослуша мислењето на струката и дека од стручната дискусија очекува конкретни препораки во врска со тоа што точно недостига, по кој редослед треба да се постапува и во кои временски рокови.

Тој истовремено упати благодарност до гостите од Љубљана за воспоставената двегодишна соработка меѓу клиниките од Љубљана и Скопје, соработка што се одвива преку програмата „Mentor–Mentee“ во рамките на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).

На одржаниот панел зедоа учество проф. д-р Звездан Пиртошек, кој е независен експерт на Организацијата на обединетите нации за остварување на сите човекови права на постарите лица, проф. д-р Дејан Георгиев, асист. д-р Јован Божиновски, директор на Универзитетската клиника за неврологија, како и д-р Љуљзим Агани, директор на Универзитетската клиника за неврохирургија, додека модератор на настанот беше проф. д-р Габриела Новотни.