Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија најостро ги осудува сите облици на насилство, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор. Од Синодот оценуваат дека ваквите појави се целосно неспојливи со христијанските и евангелските вредности, како и со почитувањето на човековото достоинство.
На редовната седница, Синодот разгледал повеќе прашања поврзани со црковниот живот, воспитно-образовните институции и општествените случувања во земјата. Притоа, особено внимание било посветено на сè поизразеното насилство, како и на ширењето на нетрпеливоста и омразата во општеството.
„МПЦ – ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ – ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо“, соопштија од Синодот.
Во согласност со својата евангелска и пастирска мисија, црквата најостро го осудува гревот на убиството и фемицидот, означувајќи ги како најсуров облик на насилство врз жените и недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.
„Како значаен општествен чинител, МПЦ – ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозна припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек“, истакнуваат од Синодот.
Црковните власти ги оценуваат како загрижувачки размерите на зголеменото насилство и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата. Поради тоа, ја потврдуваат својата подготвеност за соработка со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации со цел заедничко спречување и надминување на негативните општествени појави.
Синодот посочува дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршувало својата пастирска служба, вклучително и во однос на предизвиците поврзани со разните облици на насилство врз граѓаните.
„Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено забележување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби“, се наведува во соопштението.
