Случајот со мазутот за ТЕЦ „Неготино“ не е завршен. На потег е Вишото јавно обвинителство, вели државниот јавен обвинител Ненад Савески, во интервју за неделникот „Фокус“ и нагласува дека сега ќе разгледува приговорот на ЕСМ на решението за запирање на истрага.
Сакам да напоменам дека јавнообвинителските одлуки не се пресудена работа. Доколку произлезат нови докази и нови околности постапката може одново да почне. Тоа е единствениот легалистички начин да дојдеме до правдата и вистината.
Битно е да се истакне дека обвиненијата секогаш треба да бидат засновани врз основа на докази од кои тоа обвинение би се докажало пред судот надвор од разумно сомение. Исто така, доколку во текот на кривичната постапка судот донесе ослободителна пресуда и таа стане правосилна тогаш тоа е пресудена работа – вели Савески.
На прашањето на „Фокус“, дали републичкото јавно обвинителство има надлежност да направи ревизија на предметот самостојно, или тоа треба да го иницира МВР, Савески вели:
Предметот не е завршен, најавен е приговор од страна на оштетеното правно лице. Доколку се утврди неправилно ценење на доказите, тој може да биде вратен на повторно одлучување. Без да прејудицирам каква било одлука, уверен сум дека низ една законита постапка, со почитување на принципите на самостојно одлучување, ќе дојдеме до конечна одлука која и од општата јавност ќе биде разбрана и прифатена. Ревидирање и преотварање на предмети во зависност од очекувања на други органи, институции или поединци не е можно, бидејќи тоа е спротивно на принципите на правна сигурност – истакнува Савески.
