Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека во повеќе наврати изнесувал неточни тврдења за состојбите во државата.
„Филипче лажеше за мигранти, лажеше дека државата ќе банкротира, лажеше дека е празен Буџетот, лажеше за ИПАРД фондовите, лажеше за Реформската агенда и изјавите на Вајц. Филипче нема за што не излажа. И како за сè, веднаш доаѓа демант од релевантните институции“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека, според него, последниот демант доаѓа од Европската комисија и се однесува на напредокот на Македонија во рамки на Реформската агенда.
„Македонија е најнапредна во Реформската агенда, со најмногу средства доделени од ЕУ во висина од 65,7 милиони евра, пред фронтранерите Албанија со 49 милиони евра и Црна Гора со 44,2 милиони евра. Ова е за јануарскиот извештај, за којшто претседателот Мицкоски истакна дека ќе бидеме први, и тоа така испадна“, појасни Стојаноски.
Според него, оценките за реформите во земјава вклучуваат мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и активности за проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ-опрема во училиштата.
Стојаноски наведе дека од вкупно 65,7 милиони евра, 30,6 милиони ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека останатите средства ќе бидат достапни за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Тој оцени дека Владата работи на исполнување на реформските цели и најави можност за дополнително зголемување на средствата.
„Доколку се оди според планот, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски работи напорно тоа да биде реализирано, Македонија за јуни месец ќе ја удвои сумата и повторно ќе бидеме први во исполнувањето на Реформската агенда. Секоја изнесена теза на Филипче се руши како кула од карти. Секоја лага на Филипче се распрснува како меур од сапуница. Македонија ќе биде лидер во исполнувањето на Реформската агенда, а со тоа ќе бидат искористени и средствата кои се предвидени согласно Планот за раст“, изјави Стојаноски.
