Јавниот обвинител е носител на тужбата тој е доминус литис и тој треба да докаже со кое дејствие секој од обвинетите го сторил кривичното дело што му се става на товар, изјави адвокат Љупчо Шврговски, по одлуката на Кривичниот суд Скопје, да се одложи најавената пресуда за случајот „Тортура“.
Според него одлуката на судот е законита и се заснова во член 397 од Законот за кривична .
– Судот во своето образложение децидно наведе дека потребно е во обвинителниот акт, односно во самиот диспозитив секој од обвинетите на јасен и недвосмислен начин да биде посочен како непосреден извршител на конкретно дејствие за настанот којшто им се става на товар. Од она што можевме да го слушнеме од страна на Судот, Судот смета дека диспозитивот на обвинителниот акт онака како што е поставен не дава во овој момент реален момент за донесување на правилна и законита одлука бидејќи дејствијата на извршување на секој од обвинетите поименично не се определени на начин на којшто бара Кривичниот законик, рече Шврговски.
Воедно, тој додаде дека со оглед на алтернативните дејствија на извршувања коишто се посочени кај ова кривично дело јавниот обвинител бил должен на јасен и недвосмислен начин да прецизира кои од обвинетите кое дејствие го извршил при апсењето на Љубе Бошковски.
Застапникот на обвинението јавниот обвинител Љубомир Лапе, по завршување на денешното рочиште истакна дека Судот не го задолжи ниту него, ниту одбраната со некои дејствија или нови докази кои треба да ги предложат и очекува дека веројатно во писменото решение ќе одлучи Судот што е потребно да се преземе.
– Јас очекувам искрено осудителна пресуда и малку сум затечен од оваа одлука. Ви велам, треба да го прочитам решението, да видам што е тоа што останало нејасно за да би можел да ви одговорам на вашето прашање. За мене е јасно. Штом сум останал при тоа обвинение со таков диспозитив и таков опис за мене е сосема јасно. Меѓутоа, судската одлука претпоставувам ќе биде образложена па ќе можам дополнително да се произнесам, изјави обвинтелот Лапе.
Следното рочиште за „Тортура” e закажено за 8 јули.