Шалтер за „Сејф сити“ во МТВ
Граѓаните од денеска можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците доставени при регистрација на возилата на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, сместен во зградата на МТВ во Скопје, на приземје. Ова се однесува на случаи кога има настаната промена на податоците или кога граѓаните добиле известување со неточни информации, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Услугата достапна и во техничките станици
Од МВР информираат дека истата постапка ќе може да се изврши и во станиците за технички преглед на возила низ државата, каде што е распореден деташиран референт на Министерството за внатрешни работи. Шалтерот „Безбеден град“ ќе работи секој работен ден, во периодот од 08:00 до 17:00 часот.
Електронска комуникација со граѓаните
Дополнително, граѓаните ќе можат по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk да достават писмени забелешки доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“. Како што наведуваат од МВР, сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните.
