Состојбата со пожарот на Халкидики е подобрена, информираше синоќа директорот за стратешко планирање и комуникации во Противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис, во однос на големиот пожар кај Сивири, посочувајќи дека по морски пат беше евакуирано 481 лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Огнената стихија зад себе остави изгорена шумска површина, зафати и домови и возила, полесно се повредени двајца пожарникари, додека пак гаснењето, за пожарот целосно да се стави под контрола, ќе продолжи и во текот на ноќта.

Противпожарните сили вечерва беа дополнително зајакнати и интервенираат 227 пожарникари со 13 пешадиски тима и 57 возила, меѓу кои 12 пожарникари со три возила од Молдавија, кои се наоѓаат во Грција во рамките на програмата преку европскиот механизам за цивилна заштита.

Сè до заоѓањето на сонцето од воздух, се гаснеше се девет авиони и седум хеликоптери.

Со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, со приватни и рибарски чамци, но и со траект што сообраќа од Солун до островите од групата Споради, вкупно 481 лице, туристи и жители успешно, по морски пат беа евакуирани од Сивири.

Според податоците од крајбрежната служба на Грција, 285 лица од плажата во Сивири се безбедно пренесени во марината во Сани, додека пак 196 лица со траектот „Спидранер“ што сообраќа од островите Скијатос, Скопелос и Алонисос до Солун се префрлени во Солун.

Сивири е целосно евакуирано, а според информациите на МИА не е дозволено никој да се врати во градот, а во прекин е сообраќајот во поширокиот регион.

Пожарот избувна околу 14 часот по локално време и брзо се прошири, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени четири пораки до оние кои се во поширокиот регион, а три беа за евакуација на Сивири и Фурка.

Оние кои не го напуштија Сивири по копнен пат, беа евакуирани од плажа, земајќи ги со себе само основните неопходни работи.

Акцијата за евакуација ја водеа крајбрежната и противпожарната служба на Грција и ангажирани беа патролни бродови, чамци од двете служби, најмалку девет приватни чамци, а во Сивири, превентивно остануваат неколку патролни бродови, исто како и на плажата во Фурка.

Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија дека функционира специјална платформа од Министерството за туризам во соработка со Грчката хотелска комора за привремено сместување на лицата погодени од шумскиот пожар: https://emergencyhotels.civilprotection.gr/Application/NewAppl?evId=e23298e4-7178-4666-891b-20066ab5416a

Во поширокото подрачје на пожарот распределени се шест возила на брза помош, една мобилна медицинска единица, две возила и три мотоцикли за итна интервенција, со спасувачки и медицински персонал а сите сили се во зголемена оперативна готовност за доколку биде потребно пружање медицинска помош.

Од МНРиНТ како што претходно објави МИА информираа дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, внимателно го следат развојот на состојбата.

– За дополнителни информации и итна помош, на располагање се дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736, електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk, како и дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001, наведоа од МНРиНТ за МИА.

Од Министерството апелираат до македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти.