Бугарија нема промена на ставот во однос на евроинтегративниот процес на Македонија, а фокусот на земјата треба да биде ставен на исполнување на преземените обврски кон Европската Унија, а не на отворање нови прашања со Софија. Ова го порача шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова во изјава за Бугарската национална телевизија.
Петрова истакна дека за бугарската страна ова прашање повеќе не се третира како билатерален спор, туку како дел од односите меѓу Европската Унија и земја кандидат за членство.
Таа повтори дека рамката договорена во 2022 година претставува дел од европскиот консензус и нагласи дека Софија нема намера да отстапува од принципите врз кои беше овозможено отворањето на пристапниот процес на Македонија. Во тие принципи, како што посочи, спаѓа и обврската за уставни измени.
Според Петрова, Бугарија испраќа позитивни пораки во однос на процесот, но оцени дека од македонска страна не секогаш е видлива доволна политичка зрелост за надминување на предизвиците.
Таа додаде дека Македонија треба да го искористи сегашниот момент кога процесот на проширување повторно добива интензитет. Притоа посочи дека Црна Гора и Албанија во моментов остваруваат побрз напредок во преговорите со Европската Унија.
