Форумот во Анкара донесе нови договори за набавка на оружје и воени капацитети
Нови големи договори во одбранбената индустрија беа објавени пред Самитот на НАТО во Анкара. Вредноста на потпишаните договори изнесува најмалку 50 милијарди долари, изјави неименуван извор.
На Форумот на НАТО за одбранбена индустрија беа претставени повеќе договори за воена опрема во вредност од десетици милијарди долари. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, истовремено објави нови иницијативи за заеднички набавки меѓу сојузниците.
„Можеме да постигнеме повеќе кога го правиме тоа заедно. И мора да направиме повеќе. Сојузниците на НАТО се приклучуваат кон нови мултинационални иницијативи за заедничко купување воена опрема. Ова ќе ни помогне да обезбедиме повеќе од капацитетите што ни се потребни во различни области“, посочи Руте.
Тој додаде дека земјите членки на НАТО ќе вложат повеќе од 40 милијарди долари во следните пет години за развој на капацитети против беспилотни летала.
Набавки на авиони и нови одбранбени системи
Меѓу компаниите со кои се објавени договори се СААБ, „Локхид Мартин“, „Рајнментал“, „Нортроп Груман“, „Ербас“ и „Изар ероспејс“.
Шведскиот производител на одбранбена опрема СААБ соопшти дека НАТО ќе започне формални преговори за набавка на 10 авиони за рано предупредување и контрола „Глобалај“ (GlobalEye).
Главниот извршен директор на СААБ, Микаел Јохансон, изјави дека испораките би можеле да започнат во 2030 година. Конечната цена се проценува меѓу 400 и 450 милиони долари по авион.
Американската компанија „Локхид Мартин“ и германската фирма „Рајнментал“ потпишаа Меморандум за разбирање за заедничко производство на ракети АТАЦМС во Германија.
Тоа ќе биде прво производство на балистичката ракета со краток дострел надвор од САД.
Сојузниците инвестираат во беспилотни летала и транспортна флота
Руте најави дека сојузниците на НАТО ќе набават до пет беспилотни летала за извидување на голема надморска височина „МКју04Ц Трајтон“ (MQ-4C Triton) од американската компанија „Нортроп Груман“.
Норвешка, Финска, Германија и Данска потпишаа писмо за намера за нивна набавка.
Дополнително, генералниот секретар на НАТО најави создавање стратешка флота од транспортни авиони „Ербас А400М“ (Airbus).
Алијансата ќе додаде и уште еден авион на постојната флота од повеќенаменски авиони A330 MRTT за полнење гориво во воздух и транспорт.
Германската компанија „Изар ероспејс“ потпиша договор со канадската фирма „Маритајм лонч сервисис“ за пристап до инфраструктурата и услугите на космодромот Нова Шкотска.
Со договорот треба да се подобри подготвеноста на компанијата за лансирање товар во орбитата.
