Безбедноста, трговските односи и вештачката интелигенција се меѓу клучните прашања на средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Белата куќа. Пред разговорите зад затворени врати, Трамп порача дека заедничките одлуки на Вашингтон и Пекинг можат да придонесат за мир и просперитет во следните децении. Шји, пак, повика на меѓусебна доверба, постојан дијалог и конкуренција што нема да прерасне во конфронтација.

Двајцата претседатели денеска заеднички се обратија пред медиумите во рамките на тридневната државна посета на кинескиот лидер на Вашингтон. Програмата на посетата вклучува воени почести и државна вечера.

Трамп истакна дека САД и Кина работат на воспоставување побалансирани трговски односи. Во тој контекст, тој го издвои обезбедувањето нов пристап до пазарот за американските земјоделци и сточари.

– Работиме на поттикнување побалансиран трговски однос, вклучително и нов пристап до пазарот за американските земјоделци и сточари – рече американскиот претседател.

Според Трамп, меѓу приоритетите на разговорите е и итното зајакнување на технолошката соработка, вклучително и во областа на вештачката интелигенција, која ја нарече „суперинтелигенција“. Тој оцени дека одлуките што двете земји ќе ги носат за овие прашања, како и за безбедноста, можат да имаат долгорочно влијание врз мирот и просперитетот.

Кинескиот претседател го стави акцентот на градењето доверба и на продолжувањето на дијалогот меѓу двете држави. Тој посочи дека разликите во нивните „национални услови“ не ја исклучуваат можноста за подобро меѓусебно разбирање, доколку комуникацијата е искрена и континуирана.

Шји побара поинтензивни контакти меѓу сите владини ресори, вклучително и оние надлежни за надворешни работи, економија, финансии, спроведување на законите и културна размена. Повика и на поголема соработка меѓу законодавните тела на САД и Кина.

– Треба да коегзистираме во мир. Како две големи земји, можеме само да добиеме од соработката, а и двете ќе изгубиме во случај на конфронтација – рече Шји.

Во однос на конкуренцијата, кинескиот лидер нагласи дека таа не треба да се избегнува, туку да остане здрава и во определени граници. Наместо однос во кој добивката на едната страна нужно значи загуба за другата, тој се заложи за „трка во меѓусебно стигнување“.

Шји порача и дека избегнувањето конфликт мора да биде црвена линија што двете велесили ќе ја почитуваат. Како неопходни чекори ги посочи подобрувањето на механизмите за комуникација и спречувањето кризи меѓу нивните вооружени сили.

– Тукидидовата стапица може да се надмине – рече кинескиот претседател, осврнувајќи се на ризикот од судир меѓу сила во подем и веќе воспоставена сила.