Одржливиот развој не смее да се сведува исклучиво на изградба на нови објекти и инвестиции. Главниот фокус на локалната власт мора да биде насочен кон долгорочно подобрување на животната средина и секојдневните услови на граѓаните.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески учествуваше како панелист на регионалниот форум „Зелена агенда: од национални политики до локални економски можности“, заедно со свои колеги градоначалници на дискусијата за локалните зелени приоритети како основа за инвестиции и економски раст.
За Општина Аеродром, одржливиот развој значи повеќе зеленило, почисти јавни простори, енергетска ефикасност и одговорно урбанистичко планирање.
Општината ја започна зелената офанзива со јасно правило: за секои 10 м2 новоградба се засадува по еден нов садник на јавна површина. Паралелно, се спроведуваат мерки за енергетска ефикасност, селекција на пластичниот отпад и уредување на јавните површини.

„Развојот не се мери само преку новите инвестиции и објекти, туку и преку квалитетот на живот што им се обезбедува на граѓаните“, велат од општината.
Општина Аеродром продолжува да се развива како позелена, помодерна и поодржлива општина, со подобра животна средина за сегашните и идните генерации.
