Македонската јавност деновиве е сведок на рускиот рулет во СДСМ во кој од епизода во епизода се отвораат нови прашања, а одговорите стануваат се поконтрадикторни. Во рок од неколку дена, сведоци сме на две изјави од двајца поранешни носители на највисоките државни функции кои не можат истовремено да бидат точни – оцени Движењето ЗНАМ во соопштение.
„Станува збор за изјавите на поранешниот претседател на Републиката, Стево Пендаровски во гостувањето на емисијата „360 степени” и на поранешниот Претседател на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во гостување на емисијата „Само интервју” на Канал 5.
Изјави кои отвараат прашање кое директно ја засега политичката историја на државата, начинот на кој биле носени одлуките и степенот на искреност што граѓаните ја добивале од тогашната власт предводена од СДСМ и од ДУИ.
Во своето интервју, Пендаровски јавно откри дека во периодот кога се барало решение за обезбедување мнозинство за уставните измени постоеле разговори и сценарија поврзани со можноста за враќање на Никола Груевски во Македонија“ – се вели со соопштението на ЗНАМ.
Во продолжение се цитира изјава од Пендаровски:
„Во тој момент Груевски има само два начина како ќе се врати: помилување или закон за амнестија, бидејќи има две правосилни пресуди. Со измени у КЗ не можеш да го вратиш. Втората теза е уште полуда. Груевски се враќа тука, ја расцепува партијата на два дела, да гласаат за Бугари во Устав, и после тоа, тезата продолжува на крај и вели: А од тоа ќе има ќар и владеачката партија, тогаш СДСМ, бидејќи така полесно ќе го победи ВМРО на избори, раздвоено ВМРО.”
Според ЗНАМ, ова веќе не е обична политичка дебата, туку прашање за можен партиско-политички инженеринг врз правосудниот систем и врз институциите на државата.
„Ако во кабинетот на претседателот на државата, во Владата или во највисоките центри на политичка моќ се разговарало за помилувања, амнестии или законски решенија со цел да се обезбедат политички договори и парламентарни мнозинства, тогаш станува збор за сериозен институционален и демократски проблем.
Од друга страна, уште поголемо внимание предизвикува изјавата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски:
„Ресавска школа ние не сме, не ми дозволува нивото, ниту политичката култура да коментирам било каква средба. СДСМ, во време кога јас сум бил Претседател, немал никаква намера да прави било каква коалиција или политички аранжман со било кој поранешен премиер во Република Македонија. Со ниту еден не е разговарано, ниту во СДСМ се водени било какви разговори во таа насока.“
Јасно е дека станува збор за две суштински различни верзии на вистината.
Од едната страна имаме поранешен Претседател на државата кој зборува за сценарија поврзани со помилување и враќање на Никола Груевски со цел да се влијае врз процесот на уставните измени, додека од другата страна имаме поранешен Премиер кој тврди дека немало никакви разговори, никакви политички аранжмани и никакви активности во таа насока.
Токму затоа денес македонската јавност има право да праша: кој ја говори вистината?!
Граѓаните имаат право да знаат дали во еден од најважните политички периоди за државата зад затворени врати се разговарало за сценарија кои можеле суштински да ја прекројат политичката сцена во Македонија.
Оттука го повикуваме и прашуваме актуелниот претседателот на СДСМ, Венко Филипче:
На кого му верува повеќе, на Стево Пендаровски или на Димитар Ковачевски?! Бидејќи и двајцата се производ на истата политичка структура, а нивните искази очигледно не се совпаѓаат.
Истовремено, го повикуваме прозваниот поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, да одговори на прашањата кои се провлекуваат и остануваат без одговори.
Дали постои УСБ стикче кое патувало на релација Будимпешта – Скопје?
Што содржело?
Кој го испратил?
Кој го примил?
Дали токму преку такви неформални канали биле отворани политички сценарија кои подоцна влијаеле врз носењето на одлуки во државата?
Дополнително ги прашуваме СДСМ и ДУИ:
Дали од тие средби постојат службени белешки?
Дали биле водени записници?
Дали постојат стенограми?
Кои лица присуствувале на тие разговори?
Дали биле информирани надлежните институции?
Дали одредени политички договори влијаеле врз контраверзните измени на Кривичниот законик и врз процесите кои подоцна ја потресоа довербата на граѓаните во правосудниот систем?
Движењето ЗНАМ ќе продолжи да бара целосно расветлување на сите околности, затоа што Македонија не смее да биде заложник на тајни договори, политички пазари и недоречени вистини.
Граѓаните заслужуваат да знаат кој преговарал, кој договарал, кој одлучувал и кој денес се обидува да ја сокрие вистината.
Само така може да се врати довербата во институциите и да се затвори едно од најконтроверзните политички поглавја во поновата македонска историја“ – се вели во соопштението од Движењето ЗНАМ, објавено од неговиот Центар за комуникации и аналитика.
