Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски пред самата расправа даде кратко резиме за буџетот објаснувајќи ја неговата проекција и предвидени средства. Тој рече дека станува збор за буџет кој во голем дел одговара и ги задоволува потребите на граѓаните особено во делот на инфраструктурните зафати и решенија, зеленилото и хигиената но и строгата контрола на давањето дозволи за градба.
-Со овие средства ќе реализираме проекти, еве како пример ќе ја дадам новата градинката во Пролет. Тоа е инвестиција која на голем број граѓани ќе им го реши проблемот со згрижување на деца. Досега не во Пролет туку и нема во околината предучилишна установа поради што родителите се снаоѓаа како знаат. Тој проблем ќе биде решен за нешто повеќе од една година. И во овој дел кај градинките за 2022 година издвојуваме 7.610.000 денари, за тековно оперативни зафати и за режиски трошоци. Во 2021 година за оваа намена беа издвоени 4.700.000,00 денари. Додека во образованието ги продолжуваме програмите за развој, како и наградите за првенец на генерација, доделување на стипендии за талентираните ученици, како и стипендии за ученици од семејства во социјален ризик. Воедно издвојуваме средства за обезбедување и олеснување на буџетите на родителите за набавка на средства за хигиена, изјави Герасимовски.
Герасимовски посочи дека Буџетот за 2022 година решава голем дел од трите клучни проблеми кои ги потенцирале граѓаните во предизборниот период, а се однесуваат на проблемите со паркирањето, хигиената и зеленилото и урбанизмот во општината.
-Во буџетот предвидуваме и средства за одржување на зеленилото кое беше јасно барање на граѓаните во предизборниот период. Согласно нивните барања го зголемивме за речиси 1 милион денари споредбено со минатата 2021 година односно од 3.050.000,00 денари сега средствата се зголемени за 25% за одржување на зеленилото. Исто така ја реактивираме програмата за обезбедување на парковите и урбаната опрема за што во буџетот проектирани се 2 милиони денари, изјави Герасимовски.
За нова урбана опрема за 2022 година Општина Центар издвојува 7.200.000,00 денари наспроти 5.650.000,00 колку што беа планирани во 2021 година односно зголемување од 27 отсто. За социјална помош, во овој предлог буџет се планираат средства во износ од 3.000.000,00 денари или зголемување од 500.000 денари за финансиска поддршка за жителите на Општина Центар.
Во буџетот исто така проектирани се средства за проектот „Сервис за стари лица“ – Центар се грижи за повозрасните, за кој се издвојуваат 4.900.000,00 денари, за посета на возрасните лица од страна на лиценцирани негователи 6 часа неделно. За поддршка на култура и спортските клубови не вклучувајќи го „Работнички“ минатата година не беа издвоени средства додека во овој буџет Општина Центар за 2022 година планира 1 милион денари за култура и 2 милион денари за спорт.
На денешната седница исто така беше донесена и одлуката за извршување на буџетот на Општина Центар со 23 гласа „за“ при што заврши и третата седница од новиот состав во Општина Центар.