Аналитичарите посочуваат дека падот на курсот на еврото се должи на силната застапеност на екстремната десница во Франција, која ја симна од тронот партијата на претседателот Емануел Макрон и распиша предвремени парламентарни избори.
Оваа политичка неизвесност во ЕУ и во втората по големина економија во унијата негативно се одразува на заедничката европска валута, а на азиската берза во утринската трговија падна на најниско ниво од 9 мај.
„Изгледот за победа на крајната десница на предвремените избори во Франција може да го задржи притисокот врз еврото на краток рок“, коментира Мансур Мохи-Удин, главен економист во централната банка на Сингапур.
На девизниот курс оваа недела најверојатно ќе влијаат податоците за инфлацијата во САД и состанокот на Федералните резерви. Не се очекува ФЕД да направи промена во монетарната политика оваа недела, но вниманието ќе биде насочено кон коментарите на претседателот на централната банка Џером Пауел и промените во прогнозите за економијата на менаџерите на централната банка.
Треба да се напомене дека Европската централна банка минатата недела ги намали каматните стапки, но не даде никаква јасност за изгледите за монетарната политика во време кога инфлацијата останува над целта.