Завршувањето на стратешката цел на Македонија, членството во ЕУ, и во тој контекст, очекувањата и перспективите за следниот самит Брдо на ЕУ-СБ во Крањ, биле темите во фокусот на разговорите на средба во Берлин на министрите за надворешни работи на Македонија и на Германија, Бујар Османи и Хајко Мас.

На средбата се разговарало и за теми поврзани со европската интеграција на Република Македонија, како и за најновите регионални случувања.

Пријателите и партнерите ги земаат предвид меѓусебните перспективи и интереси. Нашиот состанок беше длабинска размена за изгледите за следниот исчекор на Македонија кон Европската Унија. Привилегија е да се има Германија за пријател и поддржувач, кој искрено помага да се реализираат овие наши стратешки цели како важна геостратешка инвестиција –  истакнал Османи, соопштија од МНР.

Министерот Мас на средбата истакнал дека е крајно време Европската Унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да почне пристапни преговори со  Македонија и Албанија.

Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќорсокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Македонија наскоро. Сакам да подвлечам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција, и по формирање на новата влада – рекол министерот Мас, се наведува во соопштението.