На денешната средба со амбасадорот на Белгија во Приштина, Жан-Луј Серве, Османи рече дека главна преокупација на косовските власти во актуелната ситуција е обезбедувањето вакцини.

– Не можеме да говориме за дијалог со Србија додека луѓето ни умираат во недостиг на вакцини. Вакцините се приоритет и ќе го направиме и невозможното, во соработка со нашите партнери, истите да ги обезбедиме, порача Османи.

Амбасадорот Серве, според соопштението од претседателскиот кабинет, ѝ ги пренел на Османи честитките од белгискиот крал за неодамнешниот избор на чело на косовската држава и нагласил дека неговата земја „ќе продолжи да го поддржува Косово на неговиот европски пат, како и во јакнењето на меѓународниот субјективитет“.