Оставката на секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата, Драги Рашковски, е негова лична одлука и има право на тоа, велат од Владата откако Рашковски денеска на Фејсбук објави дека поднел оставка.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата требаше да го разреши или да чека тој сам да поднесе оставка, рече дека Рашковски преку писмо го информирал премиерот Заев за оставката, а Владата во неколку наврати побарала од институциите да утврдат дали се прекршени некакви процедури, правила и стандарди при набавката на софтверот.
-Набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна постапка, во согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од таков софтвер за сообраќај, по сума која е спуштена низ тендерската постапка, тестиран е, исправен, функционален и нашите институции ќе го користат, рече Арсовски, но не прецизира кои институции имаат потреба од ваков софтвер и кои институции ќе го користат.
На прашањето кој ќе го замени Рашковски, владиниот портпарол рече дека засега нема одлука.