Криста Пајк (50), осудена на смрт во американската сојузна држава Тенеси, е отпуштена од болница и вратена во затвор, откако на 30 септември го преживеала обидот за погубување со смртоносна инјекција. Нејзините адвокати потврдија дека медицинската нега ќе продолжи да ја добива во затворот, каде што минала 30 години.

На Пајк ѝ биле дадени две смртоносни инјекции со пентобарбитал, но таа останала жива и во критична состојба била пренесена во болница. На почетокот на неделава се разбудила од несвест и повторно почнала да зборува, што ги изненадило лекарите и нејзините адвокати.

„Таа им е благодарна на итните служби и на медицинскиот тим за укажаната помош во овие исклучителни околности“, соопштија адвокатите.

Засега не е познато дали властите во Тенеси ќе одредат нов датум за погубувањето. На судско рочиште во средата, помошникот на државниот обвинител Вил Ајерс изјавил дека нема информации дали ќе биде закажан нов термин.

Судијата им наредил на властите да ги зачуваат сите докази поврзани со неуспешниот обид за погубување. Тие би можеле да бидат важни во евентуална идна тужба против државата.

Пајк имала 18 години кога, заедно со тогашното момче Тадарил Шип, ја претепала, мачела и убила 19-годишната Колин Слемер. Пајк и Шип ја запознале Слемер во програма за стручно оспособување на млади од посиромашни семејства.

По неуспешниот обид за погубување, Пајк била во несвест и итно била пренесена во болница. Кога се разбудила во вторникот, повторно почнала да зборува. Според адвокатите, првите прашања што ги поставила биле: „Каде сум?“ и „Кои сте вие?“.