„Ние се наоѓаме во ситуација кога државата треба да створи услови секој да работи и секој да заработи, но ние повеќе не сме во ваква ситуација. Пакетите на мерки се најчесто пример на кој што државата во изминатите две години привидно прави одреден вид на поткуп. Ништо не значи доколку дозволиш четири месеци некој да зема некој денар повеќе, наместо да му створиш услови да биде безбеден на своето работно место и да не се плаши дека ќе го изгуби истото. Потребно е и економијата доволно да функционира односно вртлогот на економијата да функционира доволно за да може секој да ги надмири своите потреби со сопствената плата“, истакна Ели Панова, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринска емисија на радио „Лидер“.

Панова додаде дека власта кога се одлучила со пакет мерки да помага на граѓаните, треба навистина да им помогне. Панова запраша зошто да се аплицира за помош доколку државата ги има сите ресурси да може да дознае кој колку примања има, и на кој каква помош му следува.

„Доколку давате помош согласно примањата, не можеш на пензионерите кои што се во прават група на најниската група да им дадеш најмало зголемување за разлика од пензионерите кои што се во најголемата група и кои што имаат веќе над 40.000 денари пензија. Едноставно и таа помош ќе речам дека не беше распоредена онака како што треба. Она што ние реагиравме со амандмани беше токму тоа“, нагласи Панова.

Таа нагласи дека власта воопшто не помогна на граѓаните во последните години за да ги пребродат кризите како што се економската и енергетската.