Косово утре излегува на парламентарни избори, кои се сметаат за клучен тест за премиерот Албин Курти и неговата партија „Самоопределување“. По убедливата победа пред четири години, Курти влегува во изборната трка како фаворит, но без гаранција дека ќе освои доволно пратенички места за самостојно да формира влада.

Околу два милиони гласачи, вклучително и оние од дијаспората, ќе можат да го дадат својот глас за 120 пратеници. Според изборниот систем, Србите имаат загарантирани 10 места во парламентот, додека уште 10 се резервирани за останатите малцински заедници.

Главни теми во кампањата – економија, плати и пензии

Во текот на предизборната кампања, партиите ветија зголемување на платите и пензиите, подобрување на здравството и образованието, како и засилена борба против сиромаштијата. Сепак, останува нејасно од каде ќе се обезбедат финансиските средства за овие реформи, ниту како новата влада ќе ги привлече странските инвестиции.

Косово останува една од најсиромашните земји во Европа, со годишен БДП по жител под 6.000 евра.

Изборите ќе го одредат правецот на дијалогот со Србија

Овие парламентарни избори се особено значајни бидејќи новата влада ќе ја води косовската страна во дијалогот со Србија. Преговорите, кои се водат со посредство на ЕУ, се во застој веќе подолго време.

Курти минатата година влезе во судир со западните партнери, откако неговата влада забрани користење на српскиот динар и финансиските трансфери од Србија за косовските граѓани што зависат од социјалните услуги.

Вашингтон и Брисел ја предупредија Приштина да избегнува еднострани потези, стравувајќи од нови тензии меѓу етничките заедници. Како одговор на одредени потези на владата, ЕУ пред две години суспендираше дел од финансирањето на проекти во Косово.

Косово пред дипломатски предизвик – враќање на партнерствата со Западот

Политичките аналитичари сметаат дека идната косовска влада ќе мора да се фокусира на подобрување на односите со ЕУ и САД. Враќањето на партнерството со Западот ќе биде клучно за економскиот развој, политичката стабилност и продолжување на европските интеграции.

Резултатите од парламентарните избори ќе покажат дали Курти ќе може да формира влада или ќе биде принуден на политички компромиси.