За правда е потребна промена на свеста. Затоа, сите ние, политичари, судии, обвинители, правобранители мора да се согласиме околу една работа, а тоа е дека не смее да се тргува со правдата. Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата, порача претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Тој нагласи дека за судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска.
-Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги. Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри, рече шефот на државата во поздравното обраќање.
Освен обуката, посочи, Академијата истовремено придонесува и за градење на културата на отпорност кон корупција, политички влијанија и злоупотреба на судската и обвинителска функција.
-Најважната задача на оваа институција е да избере поединци со морален компас, со висок личен и професионален интегритет и чувство на одговорност, кои ќе бидат целосно посветени на правото и правдата. Од издржаноста на нивните пресуди ќе зависи дали македонските граѓани ќе веруваат дека правдата е можна. А, враќајќи ја довербата во правосудството, вие ја враќате правната сигурност и предвидливост, неопходни за идниот економски и општествен развој на државата, рече Пендаровски.
Нагласи дека довербата во правосудството многу значи и во процесот на граѓанско и национално помирување.
-Речиси секоја од страните во нашето поделено општество тврди дека е жртва на некаков вид на неправда и двојни аршини, односно, дека во државата во која сите се декларативно еднакви, во стварноста, некои се поеднакви од другите. Единствено, владеењето на правото поддржано од транспарентноста на институциите може да ги коригира реалните неправди и истовремено да ги демантира неоснованите тврдења, потенцира Пендаровски.
Носејќи праведни пресуди втемелени врз фактите и вистината, посочи, сегашните и идни судии и обвинители ќе ја засилат перцепцијата на граѓаните дека нема недопирливи пред законот.
-Поради сите овие причини, мораме да ја поддржиме Академијата во нејзината мисија да обучува и подготвува генерации на судии и јавни обвинители кои ќе бидат пристрасни единствено кон правдата. Не случајно и Јустиција има превез врз очите, не затоа што е рамнодушна кон кршењето на законите, туку, затоа што е непристрасна при делењето на правдата, истакна шефот на државата.
Сегашните и идни судии и обвинители, додаде, треба да ги владеат не само традиционалните правни области, туку и новините во современиот свет.
-Современиот свет се соочува со нови субјекти и односи што стануваат предмет на правната наука и пракса, како што се информатичките технологии, сајбер просторот, па и правните дилеми што произлегуваат од непредвидени состојби, како што е пандемијата на КОВИД-19. Тука е и корпусот на европското законодавство што допрва ќе треба целосно да го транспонираме во нашиот правен систем, потенцира Пендаровски.
Порача дека е неспорен факт дека потребата за вистина и правда е длабоко вкоренета во луѓето.
-Да се пресуди праведно значи да се почитува достоинството на човекот, вклучително и на оние кои веќе не се меѓу нас. Должност на секој граѓанин е да ги поддржува процесите за доаѓање до вистината и правдата. Но, товарот на оваа обврска паѓа најмногу врз судската власт. Според Уставот, судската власт е дефинирана како гарант за владеењето на правото и заштитата на основните права и слободи на човекот и граѓанинот. Носејќи праведни и навремени пресуди судиите реактивно го санкционираат прекршувањето на законите и со тоа превентивно ја градат културата на почитување на истите закони. Овие важни функции судството може да ги врши единствено ако е независно, а без независно судство, отпорно на политички и економски влијанија, правдата ќе биде исклучок, а не правило, рече Пендаровски.
Во овие три децении, како што истакна, во македонското правосудство имало бројни судии и обвинители кои совесно и професионално си ја извршувале својата функција.
-Меѓутоа, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на исклучително ниско ниво. Тоа го потврдуваат и бројни извештаи на релевантни домашни и меѓународни институции. Не е мал бројот на граѓани кои во изминативе три децении се соочиле со неправедни пресуди или со одложена правда. Еден од последните примери за тоа се и семејствата на жртвите од автобуската несреќа во Ласкарци, кои се уште ја чекаат правдата. Ваквата правна неизвесност е една од причините за заминување на нашите граѓани во земјите со поразвиена култура на почитување на законите,прецизира Пендаровски.
Од повеќето фактори за оваа состојба, како што истакна, два се издвојуваат според својата релевантност.
-Првиот фактор се инстанците на политичко влијание во процесите за назначување и унапредување на судии и обвинители. А, вториот фактор се корупцијата и криминалот кои, тргувајќи со правдата, de facto ја поништуваат еднаквоста на луѓето пред законите. Сето ова, ја еродира надежта дека кај нас може да има ефективна правда. А надежта е она што не одржува и придвижува кон развиениот свет. Ако сакаме нашите млади да останат во својата земја и во неа да живеат, работат и да создаваат иднина, мора да им обезбедиме правда, рече Пендаровски.