Бавното темпо на процесот за интеграција во Европската Унија е закана за демократијата и мирот на Балканот, оцени претседателот Стево Пендаровски во обраќањето во рамки на Преспа форум дијалогот. Според Пендаровски, преговарачкиот процес ќе ја унапреди демократијата во земјите-кандидатки. Тој рече дека предолгото чекање резултирало со остар пад на поддршката за членство во Унијата и воедно се согласи дека без војната во Украина процесот на проширување немал да биде во фокусот на Брисел.

„Природно ќе следува прашањето што ќе се случи кога ќе заврши војната во Украина? Дали ќе се вратиме на вообичаениот начин на функционирање, што значи помалку внимание на Западен Балкан и регионот како целина и тоа не само во однос на процесот на проширување“, изјави Стево Пендаровски – претседател.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека пораките од европските партнери се јасни – можно е проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан до 2030 година. Тој вели дека секоја земја од регионот треба да ги зајакне напорите за реформи на секој план за да ја има потребната поддршка од земјите на ЕУ. Регионот во моментов, премиерот Ковачевски го дефинира како геостратешка празнина на Унијата.

„На државите од Западен Балкан европската определба не им е спорна. Но, секоја од државите има различен капацитет на отпорност од недемократски тенденции, коишто доаѓаат однадвор, главно поради различното темпо на демократизација внатре во самите општества. Оваа геостратегиска празнина е отворена врата за ветриштата што веќе ја нишаат стабилноста“, рече Димитар Ковачевски – премиер.

На форумот кој се одржува во Струга се обрати и албанскиот претседател Бајрам Бегај, според кого последните години поради геополитичките настани и зголемувањето на моќта на, како што рече, трети недемократски актери во земјите од регионот, често се поставува дилемата – демократија или стабилност? Зборуваше и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој кажа дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан е понижувачко долг и упати критики до европските институции.