Проактивниот пристап на француското претседателство со Европската Унија е добредојден за претседателот на државата Стево Пендаровски, кој се надева дека истиот би можел да придонесе за изнаоѓање решение со кое би и се помогнало на земјава побрзо да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, се вели во одговорот на Kабинетот на шефот на државата за МИА во однос на прашањето дали на маса е нов француски предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
Дојче веле претходно денеска повикувајќи се на добро упатени извори во процесот објави дека јавноста смета оти се преговара по португалскиот предлог, но оти на маса сега е француски предлог за решавање на спорот, а советници од Министерството за надворешни работи на Франција, а потоа и советник од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, во изминатиот период биле на средби во Скопје и Софија.
– Француската Република како актуелен претседавач со ЕУ уште при преземањето на претседателството во јануари оваа година го најави засилениот ангажман во насока на изнаоѓање решенија за отворените прашања на Западниот Балкан. Оттука, активностите на француската дипломатија во изминатите шест месеци, односно средбите на политичко и експертско ниво не се некаков нов обид за пробив, туку се целосно на линија на декларираните приоритети во однос на претседавањето со ЕУ. Целта на сите активности е да се направи исчекор во дијалогот со Бугарија во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан и Европскиот Совет, најавен за последната недела од овој месец во Брисел, се нагласува во одговорот за МИА од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Во однос на прашањето за евентуалното вметнување на бугарските предлози во преговарачката рамка со ЕУ, како што наведуваат од Кабинетот, претседателот смета дека утврдувањето на конечниот текст и усвојувањето на преговарачката рамка за која било држава е процес за кој е потребен целосен консензус меѓу земјите членки на Унијата, а основата врз која се утврдува самата рамка е европското законодавство, каде постојат правила, но и пракса, за тоа што може, а што не може, да биде дел од рамката.
– Во оваа смисла, позицијата на претседателот Пендаровски се темели на констатацијата дека не смее да се дозволи преседан во случајот со Република Северна Македонија, со кој би се дозволило прашања кои задираат во идентитетските параметри и кои не се дел од европското законодавство, да бидат опфатени во преговарачката рамка. Преговарачката рамка која ќе ја усвои ЕУ, треба да биде прифатена и од нашата држава, по што и формално би започнал процесот што ќе доведе до отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, нагласија од Кабинетот на шефот на државата.