Москва го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека ја попречува можноста за мир во Украина, подривајќи ги најавените мировни планови на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју за руската телевизија изјави дека администрацијата на Бајден активно ја влошува ситуацијата на теренот.
Кремљ: Бајден ја ескалира ситуацијата
-
„Трамп во текот на изборната кампања зборуваше дека сака да постигне мир и ги водеше сите кон мирно решение“, изјави Песков.
Тој нагласи дека администрацијата на Бајден прави сè за да ја ескалира ситуацијата, што, според него, ги осудува мировните договори на неуспех.
Песков истакна дека потезите на Бајден се насочени кон создавање дополнителни пречки за новата администрација на Трамп, обвинувајќи го сегашниот претседател за одмазда поради изборниот пораз.
Трамп ветува брзи чекори за ставање крај на војната
Новозибраниот претседател Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, најави дека ќе дејствува брзо за да стави крај на повеќе од илјада дена траење на војната помеѓу Русија и Украина. Сепак, до сега тој нема изнесено конкретни чекори или планови за спроведување на овие намери.
Дејствија на администрацијата на Бајден
Како дел од последните одлуки, Бајден ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел ATACMS против воени цели во Русија, чекор кој Москва го оцени како провокативен. Дополнително, администрацијата на Бајден најави делумно простување на долгот на Украина, со цел да ја поддржи економската стабилност на земјата.
-
„Администрацијата на Бајден покажува дека ќе направи сè за да не заврши оваа војна“, изјави Песков, додавајќи дека овие активности имаат за цел да го ограничат просторот за дипломатски напори на идната администрација.
Мирот останува неизвесен
Обвинувањата од Кремљ доаѓаат во време на транзиција на власта во САД, отворајќи прашања за тоа како ќе се развива американската политика кон Украина под водство на Трамп. И покрај неговите најави за мир, тековните активности на администрацијата на Бајден ја комплицираат ситуацијата, дополнително заострувајќи ги односите меѓу Вашингтон и Москва.