Пет пациенти со тешки изгореници под контрола на македонските клиники

По повеќе од еден месец лекување во Србија, нова група од пет пациенти повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани се враќаат на понатамошно лекување во Скопје. Според здравствените протоколи, тие ќе бидат распределени на Клиниката за пулмологија, Пластична хирургија и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.

Лекувањето продолжува со фокус на физичка и психичка рехабилитација

Директорот на Хируршката клиника, д-р Небојша Настов, објасни дека пациентите имаат стабилно дишење, но изгорениците бараат внимателна нега и постојани преврски. Раните, како што посочува, се под висок степен на контрола поради ризикот од секундарни инфекции.

Тешки последици од пожарот во „Пулс“: Деветмина сè уште хоспитализирани во Скопје, 48 во странство

„Најважно во првите денови е движењето на рацете и прстите, бидејќи тоа директно влијае на лузните и подвижноста“, вели Настов, додавајќи дека новите медицински пристапи значително помагаат во процесот на закрепнување.

 Психолошката поддршка е клучна во третманот

Освен физичкото закрепнување, важно е и менталното здравје на пациентите. Д-р Настов нагласува дека пациентите кои се враќаат редовно на контрола се сè поотворени и подготвени да разговараат, но додава дека за целосно надминување на психичките последици е потребно време и стручна помош.

„Позитивна е нивната посета, не само за нас како тим, туку и за нивната психичка состојба. Поддршката од психолозите е суштинска, секој кој чувствува потреба, треба да се обрати“, апелира тој.

Бројката на жртви и повредени останува висока

Според последните информации, во странски клиники сè уште се лекуваат 38 повредени, од кои еден пациент е во критична состојба. Пожарот во дискотеката „Пулс“ однесе 62 животи, а речиси 200 лица беа повредени.

Здравствениот систем во Македонија продолжува со напори да обезбеди квалитетна грижа и, каде што е потребно, да овозможи лекување во странство.

Извор: Канал 5