Џафери како претседател си има преземено малку поголема моќ од она што реално му го дава Уставот и законите, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, во вечерашното гостување во емисијата „Објектив“ на Македонската Радио Телевизија.

„Единствена причина беше Талат Џафери да го спаси СДСМ како што впрочем и во минатото сме биле сведоци во повеќе наврати, да ги спаси од едно изјаснување на граѓаните по однос на штетниот Договор за добрососедство кој е се само не е Договор за добрососедство“, рече Петрушевски.

Тој посочи дека тој договор кој требаше да ги унапреди односите тој ги заостри и сега се наоѓаме во една комплицирана ситуација.

„Доказ за тоа е и мислењето кое моментално граѓаните го имаат спрема Република Бугарија, сите истражувања кажуваат дека ние во полоша ситуација како соседи со Република Бугарија не сме биле никогаш во историјата“, кажа Петрушевски.

Во однос на активната блокада во Собранието, Петрушевски истакна дека тие ќе ја продолжат активната блокада.

„Апсолутно дека ќе ја продолжиме активната блокада. Нема да учествуваме во координациите на Претседателот Талат Џафери затоа што досега не се случило барем во овој мандат она што ќе се договори на координациите да биде спроведено од Претседателот Џафери на дело“, потенцираше Петрушевски.

Петрушевски додаде дека Џафери си само демонстрира самоволие, Уставен суд, закон што значи дека се е предводено од таа една личност во државата.

„Почитта односно не почитта која ја покажува спрема опозицијата и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ќе биде возвратена со механизмите и алатките кои ни се на располагање. Тоа се неучество во неговите координации и продолжувањето на активната блокада“, дециден е Петрушевски.