Полицијата во текот на изминатото деноноќие лиши од слобода 18 возачи на целата територија на државата поради „безобѕирно управување возило“. Меѓу нив има возачи без возачка дозвола, лица под дејство на алкохол и едно лице кое управувало возило иако имало активна забрана.

Од МВР информираат дека 11 од приведените управувале возило без возачка дозвола. Петмина од нив биле во Скопје, тројца во Гостивар, а по едно лице во Тетово, Кичево и Прилеп.

Под дејство на алкохол возеле шест лица, и тоа по едно во Скопје, Кочани, Пробиштип, Велес, Радовиш и тетовско.

Едно лице во Кочани било лишено од слобода затоа што управувало возило иако имало активна забрана за управување на моторно возило.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

МВР апелира сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол, и сите заеднички да придонесат за побезбеден сообраќај.