Британската полиција обвини денеска 46 навивачи, во најголем број полски државјани, за предизвикување на инцидентите што се случија во четвртокот вечер во Бирмингем пред почетокот на натпреварот од фудбалската Лига на конференции меѓу Астон Вила и варшавска Легија.

Петмина полицајци се повредени во немирите до кои дојде пред стадионот „Вила Парк“, објави попладнево полицијата.

Вкупно 43 мажи ќе одговараат за нарушување на јавниот ред и мир, двајца поради напад на полицајци, а еден поради поседување нож.

Четириесетина од обвинетите се навивачи од Полска, а само мал број се државјани на Велика Британија, посочи англиската полиција, додавајќи оти сите тие, освен еден кој е пуштен со кауција, ќе бидат изведени на суд во текот на денешниот ден.

Инцидентите се случија во Бирмингем пред натпреварот меѓу Астон Вила и варшавска Легија (2-1) во петтото коло во Конференциската лига.

Натпреварот почна во закажаниот термин, но на навивачите на полскиот клуб не им беше дозволен влез на стадионот.

Легија ја обвини Астон Вила дека го отфрлила договорот за распределба на влезниците за гостинските навивачи, но британскиот клуб наведе дека одлуката биле донесена од безбедносни причини.

Астон Вила соопшти дека навивачите на Легија еден час пред почетокот на натпреварот извеле организиран напад врз полицијата и поради инцидентите не им бл дозволен влез на „Вила Парк“.