Тие бараат и постојано прашуваат кога ќе имаат можност повторно да се возат со жичницата и да уживаат во благодетите на природата и воедно да се рекреираат и да пешачат на Водно. Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека полека се подготвуваат за пуштање во функција на жичницата, но не прецизираат од кога ќе можат да ја користат граѓаните.
– Во процедура сме за обезбедување инспекциски надзор од страна на австрискиот производител на жичницата „Доплмаер“, кој е неопходен за повторно пуштање на објектот во употреба, а имајќи ги предвид пропишаните сервисни интервали и начин на одржување – најавија од ЈСП.
Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што жичницата не е во функција повеќе од една година, бараат согласност за нејзината функционалност и безбедност, односно побарале вонреден инспекциски надзор и евентуално дијагностицирање на потребните сервисни активности.
Во меѓувреме, изготвен е и протокол за функционирање на објектот во актуелните услови со ковид-19.
Што се однесува до трите автобуски линии (25, 25А и 25Б) до средно Водно, од ЈП велат дека ќе бидат повторно во функција кога ќе почне со работа и жичницата.
Инаку, заради состојбата со пандемијата од ковид-19, според препораките на Владата и Комисијата за заразни болести, жичницата не е во функција од 13 март 2020 година, а оттогаш се во прекин и линиите (25, 25А и 25Б) до средно Водно.