По само шест месеци, жените од Шуто Оризари повторно останаа без матичен гинеколог, информираат од Иницијативата на жени од скопската населба.

На ординацијата во која досега работеше д-р Божидар Бошковски е ставено известување дека таа од денес е затворена и докторот веќе нема да работи. Kако главна причина за неговото заминување, наведени се приватни обврски, како и тоа што докторот заминува во пензија.

До крајот на овој месец, замена на д-р Бошковски ќе биде д-р Коруноски од ординацијата „Коруноски МВР“, сместена во поликлиниката на МВР, пишува во известувањето.

„И покрај заложбите на Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари прво за да се донесе гинекологот, па сѐ до тоа да не си замине, жените од Шуто Оризари повторно останаа без матичен гинеколог и повторно се става во ризик нивното сексуално и репродуктивно здравје“, велат од Иницијативата.

„Апелираме и ги повикуваме надлежите институции, Министертво за здравство веднаш и итно да изнајдат долготрајно решение за матичен гинеколог за жените од Шуто Оризари. Потсетуваме само во последниот период од шест месеци, две Ромки-родилки починаа за време на породувањето. Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари продолжува да застапува за овој долгодишен проблем со немање на матичен гинеколог, како и да им помага на жените да си ги остварат своите сексуално-репродуктивни права“, се додава во соопштението.