Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска даде отчет за сработеното во изминатите две години, а во обраќањето се осврна и на проектот „Безбеден град“.
За истиот, Тошковски вели дека е еден од најзначајните кои го реализирале, претворајќи го во еден од клучните механизми за унапредување на безбедноста и модернизација на полициското работење.
Проектот опфати модернизација на постојниот систем во Скопје, Тетово, Куманово, коридорите 8 и 10 и негово проширување на национално ниво, преку воведување современи технологии за видео надзор и автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци.
-Особено значајни се првичните резултати од функционирањето на системот. Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година. До 22 јуни 2026 година, преку системот се регистрирани над 120.000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, истакнува министерот за внатрешни работи.
Со предвидената динамика, до крајот на 2026 година се очекува проектот „Безбеден град“ да биде целосно имплементиран на територијата на државата, опфаќајќи ги поголемите градови и главните патни правци, со што ќе се постават темелите на модерен, ефикасен и превентивно ориентиран систем за заштита на безбедноста на граѓаните.
