Македонскиот писател и поет Ѓоко Здравески ќе биде дел од меѓународниот книжевен настан „Чер поетри ивнингс – Колкатас интернешнл поетри фестивал“, кој од 26 до 29 ноември ќе се одржува во Колката во Индија. За време на манифестацијата ќе биде презентиран и специјален избор од неговото поетско творештво преведен на англиски јазик под насловот „Телото памти сѐ“.

Ова е деветто издание на реномираниот фестивал, на кој учество ќе земат дваесетина автори од Македонија, Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Холандија, Белгија, Полска, Кина, Словенија, Русија, како и познати поети од сите делови на Индија.

Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје, каде што дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во текот на својата професионална кариера работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на институтот ИНАЛКО во Париз, бил уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, библиотекар на Филолошкиот факултет во Скопје, а соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“.

Покрај сопственото творештво, тој активно учествува во културниот живот преку организирање книжевни читања како „Астални проекции“, учество во организацијата на фестивалите „Друга приказна“, „Артерија“ и „Скопски поетски фестивал“. Автор е на поетските книги „Палиндром со две н“, „Куќичка за птици преселници“, „Љубавина“, „Дедикар икарал“ и најновата „Небо трето“, како и на збирката раскази „Отсечки стварност“. Неговите дела се преведени на десетина европски јазици, а активно се занимава и со книжевен превод од српски, хрватски и босански јазик.