Европската Унија подготвува патокази со конкретни чекори за пристапување на најнапредните земји кандидатки за членство – Црна Гора и Албанија, како и на Украина и Молдавија, објави „Политико“.
Четирите држави се сметаат за водечки кандидати за пристапување во ЕУ, иако сè уште се соочуваат со бавен напредок и со нејасни рокови, вклучително и за тоа кога точно би можеле официјално да станат земји членки. Иако Брисел одамна ги поддржува нивните кандидатури, патоказите првпат ќе им понудат уверување дека, доколку продолжат со клучните реформи, ќе бидат примени во Унијата, а ќе им бидат понудени и ориентативни рокови за завршување на преговорите.
Се очекува со патоказите да се прецизира што точно се бара од секоја земја кандидатка, но и да се утврдат обврските на сегашните членки, кои треба да ги одобрат следните чекори во процесот. Патоказите исто така ќе содржат приближни датуми за официјално затворање на преговарачките поглавја од одделните кластери.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на говорот за состојбата на Унијата претходно овој месец, вети насочена поддршка за земјите кандидатки „кои постигнале најголем напредок“.
Од друга страна, другите земји кандидатки, кои се наоѓаат во порана фаза од процесот, како Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, во оваа фаза нема да добијат патокази, потврдиле извори од Европската комисија за „Политико“. Тоа се однесува и за Србија, Грузија и Турција, чии кандидатури се во застој поради загриженост за назадување во демократските и во судските стандарди.
Лидерите на ЕУ сè повеќе се свртуваат кон други демократски држави, кои ја поддржуваат слободната трговија, особено кон оние што се географски блиски, поради геополитичките тензии со партнери како САД, непријателските активности од страна на Кина и заканите од Русија, забележува „Политико“. Претставници на ЕУ изразуваат загриженост дека предолгиот пристапен процес ги разочарува потенцијалните нови членки и ги изложува на притисок од ривалите.
Ова се случува во период кога се менуваат и политиките на ЕУ за „предвремено проширување“. Според претставници на ЕУ, на земјите кандидатки треба да им се понуди подобар модел за „постепено вклучување“ во ЕУ, со користење економски придобивки и пристап до заеднички проекти како награда за нивниот напредок.
Се очекува Фон дер Лајен и еврокомесарката за проширување Марта Кос да предложат измени во внатрешните правила на ЕУ за воведување заштитни механизми што ќе спречат новите членки да ги блокираат важните политики или да се откажат од преземените обврски. Измените би можеле да вклучуваат итни клаузули и преодни периоди пред целосно да им бидат доделени сите права што произлегуваат од членството.
Претходно овој месец, Кос за „Политико“ изјави дека се надева оти по завршувањето на разговорите со европските лидери, ќе следува „есен на проширувањето“ по годините бавен напредок.
Неделава, Фон дер Лајен ќе посети неколку земји од Западен Балкан – Црна Гора, Албанија, Македонија и Косово. Таа не планира посета на Србија и Босна и Херцеговина бидејќи во двете земји набргу треба да се одржат избори.
