Возачите да очекуваат ограничувања на повеќе улици во центарот

Скопјани денеска попладне ќе се соочат со изменет режим на сообраќај во централното градско подрачје поради одржување на јавен настан што ќе почне во 18 часот.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, а движењето на возилата ќе се регулира согласно потребите на настанот.

Настанот ќе се движи од Градски парк до паркот Жена Борец

Според најавената траса, учесниците ќе се движат од пред Фонтана Лотус во Градски парк, по булеварот „Илинден“, потоа лево по улицата „Франклин Рузвелт“, па по булеварот „Партизански одреди“.

Оттаму трасата продолжува десно по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, а ќе заврши во паркот Жена Борец на улицата „11 Октомври“.

Од СВР Скопје апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници на сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.