Водата во главниот град е целосно безбедна и здрава за секојдневна консумација. Ова го потврдија официјалните претставници на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје врз основа на направените анализи.
Во текот на денешниот ден од страна на секторот Санитарна контрола биле земени вкупно 44 примероци од водоводната мрежа на град Скопје. Од нив, два примерока биле директно земени од бунарскиот потег Нерези – Лепенец со цел темелна проверка на состојбата.
На сите анализирани примероци им се изработува детална физичко-хемиска и микробиолошка анализа согласно одредбите од Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, што се спроведува во акредитираните лаборатории на јавното претпријатие.
„Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење“, соопштија од претпријатието.
