На Инфективната клиника потврден е случај на маларија, а пациентот е во стабилна состојба

На Клиниката за инфективни болести е потврден случај на маларија кај пациент кој неодамна престојувал во Занзибар. По појавата на висока температура и треска, тој веднаш побарал лекарска помош, по што бил хоспитализиран и му била потврдена дијагнозата.

„Поради тоа што престојувал на тоа место директно се јавил на Инфективната клиника. По прегледот и иследувањата од страна на дежурниот лекар потврдена е маларија. Моментално е стабилен. Нормално дека има епизоди на треска, но доброто е што навреме се јавил и очекуваме текот на лекувањето да биде успешен“, изјави директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.

Лекарите апелираат патниците навреме да реагираат при појава на симптоми

Лекарите предупредуваат дека маларијата може да предизвика сериозни компликации доколку не се открие и лекува навреме. Затоа, апелираат до граѓаните кои патуваат, особено во тропски подрачја, да внимаваат на својата здравствена состојба и веднаш да се јават кај лекар ако почувствуваат симптоми.

„Имајќи предвид дека сега е летна сезона и тоа се вообичаени болести, особено во современиот свет што сега доста се патува, особено во тропски подрачја, треба да се има предвид ако пројават температура, треска, општа омалаксаност веднаш треба да се јават на лекар за да се провери дали е поврзано со престојот или е можеби друго заболување и навреме да се дијагностицира. За сите овие заболувања, навреме ако се оди на лекар, исходот би требало да е позитивен“, порача Цана.

Двајцата пациенти со западно-нилска треска остануваат на лекување

Во меѓувреме, двајцата пациенти кај кои претходно беше потврдена западно-нилска треска сè уште се лекуваат на Клиниката за инфективни болести.

Според информациите од здравствената установа, и двајцата се во добра здравствена состојба. Се очекува наскоро да бидат пуштени на домашно лекување.