Средба за напредокот на земјата кон ЕУ и спроведувањето на Реформската агенда
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, денеска разговараше со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, за реформските процеси и европската перспектива на земјата.
На средбата, која се одржа во рамки на еднодневната посета на Кос, присуствувале и пратеничките Ели Панова, Бисера Костадиновска Стојчевска и Рина Ајдари, како и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Главна тема на разговорите бил напредокот во процесот на пристапување кон Европската Унија, со посебен фокус на спроведувањето на Реформската агенда и исполнувањето на преземените обврски.
Гаши ја поздравил поддршката што Европската Унија ја обезбедува преку Планот за раст за Западен Балкан, оценувајќи дека тој претставува важен механизам за спроведување на реформите и за поттикнување на економскиот и социјалниот развој.
„Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан е значаен инструмент за поддршка на реформите, кој ќе придонесе за забрзан економски и социјален развој на целиот регион“, истакнал Гаши.
Одобрени 142,1 милиони евра за реформскиот напредок
На средбата било констатирано дека земјата остварила напредок во спроведувањето на клучните реформи, врз основа на кој ѝ биле одобрени 142,1 милиони евра во рамките на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Соговорниците ја нагласиле потребата од продолжување на реформскиот процес, но и од создавање поширока политичка поддршка за мерките поврзани со европската интеграција.
Била истакната важноста од конструктивен политички дијалог и меѓупартиска соработка, како предуслови за успешно спроведување на реформите.
Посетата на комесарката за проширување, Марта Кос, била оценета како потврда за континуираната поддршка од Европската Унија за европската перспектива на Република Македонија и дополнително охрабрување за продолжување на реформските активности.
