Пожарот што попладнево избувна во велешката месност Дорутовец се проширил во правец на патот Велес–Штип, додека чадот што го носи ветерот се шири кон сообраќајницата. Поради тоа е побарана помош од полицијата за регулирање на сообраќајот согласно потребите, информира Дирекцијата за заштита и спасување.

Опасноста од натамошно ширење на огнот е намалена, но на терен продолжува гаснењето со два авиона „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и со две противпожарни возила. Во интервенцијата учествуваат шест пожарникари од Територијалната противпожарна единица Велес.

„Опасноста е намалена, но пожарот е проширен во правец на патот Велес -Штип. Заради чадот што ветерот го носи кон автопатот, од Главниот штав за управување со кризи е побарана поддршка од МВР за регулирање на сообраќајот согласно потребите. Состојбата се следи од Главниот штаб за управување со кризи, во координација со екипите на терен“, соопшти ДЗР.

Пожарот избувнал денеска попладне во месноста Дорутовец, по бензинската станица на „Макпетрол“, пред влезот во Велес, од десната страна на патот гледано во насока кон градот.

Поради ветерот и опасноста огнот да се прошири, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, активирал два авиона „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле испратени и шест пожарникари од велешката противпожарна единица, кои дејствуваат со две возила.

Во гаснењето се вклучиле и жители од селото Чалошево, како и екипа со цистерна од Јавното претпријатие „Дервен“.

До 18 часот денеска, Центарот за управување со кризи регистрирал девет пожари на отворен простор. Од нив, четири сè уште биле активни, а пет биле изгаснати.