Одри Хепберн требало да го игра Петар Пан, а Лоренс Оливие да го толкува ликот на озлогласениот Капетан Кука во планирана филмска верзија од 1964 година. Сепак, овој проект никогаш не стигна до филмското платно поради сложена правна битка околу авторските права во која директно се вмеша компанијата „Дизни“ против познатата лондонска детска болница „Грејт Ормонд стрит“.

Режијата на филмот му била доверена на познатиот Џорџ Кјукор, автор на култните класици „Мојата убава госпоѓица“ и „Филаделфиската приказна“. Како продуцент требало да се потпише Мел Ферер, тогашниот сопруг на Хепберн со кого претходно успешно соработуваше. Главната цел на играната адаптација била да се обезбедат значителни финансиски средства за детската болница во Лондон, која ги поседуваше правата на драмата откако писателот Џејмс Метју Бари уште во 1929 година лично ѝ ги подари на оваа хуманитарна установа.

Конфликтот настанал откако студиото „Дизни“ тврдело дека ги поседува ексклузивните права за филмски адаптации на популарната приказна. Студиото претходно платило 5.000 фунти за правата за реализација на анимираната верзија, која доживеа светска премиера во 1953 година. Неколку години пред обидот за снимање на филмот со Хепберн, „Дизни“ преговарал со болницата за правата за игран филм, но двете страни не постигнале задоволителен договор поради условите за поделба на идните приходи.

Режисерот Кјукор отворено реагирал против блокадата од страна на студиото, изразувајќи го својот револт во писмо испратено до детската болница во август 1964 година. Тој сметал дека комерцијалните интереси не смеат да застанат пред потребите на болните деца и застанал на ставот дека институцијата има целосно морално право да ја користи приказната за хуманитарни цели. Поради судските одолговлекувања, целиот проект со Хепберн и Оливие постепено згаснал.

Правните спорови продолжија и по смртта на Волт Дизни во 1966 година, сè до 1969 година кога судскиот процес заврши со спогодба според која на болницата ѝ беа исплатени 14.000 фунти отштета и дополнителни 30.000 фунти за направените судски трошоци. И покрај добиениот спор, времето за реализација на филмот веќе беше поминато, по што актерите и режисерот се посветија на други проекти, оставајќи го филмот незавршен.