На 11 март пред три години, Светската здравствена организација прогласи пандемија од коронавирус откако тој првично се појави во кинескиот град Вухан во декември 2019 година. Светот се соочи со полициски час, носење заштитни маски, ограничување на јавни настани, масовни тестирања за Ковид-19, онлајн учење и работа од дома. Секојдневието на граѓаните се промени за 360 степени. Дезинфекција на секој чекор, а коронавирусот натера голем дел од популацијата да ја стави социјализацијата на пауза.

Три години подоцна, последиците од пандемијата сѐ уште се чувствуваат насекаде околу нас. На многумина им беше тешко да се вратат во „нормалното секојдневие“.

Во последните 24 часа се направени 1.831 тестирања, а регистрирани се 243 нови случаи на КОВИД-19. Оздравени се 100 лица, а починати се четири пациенти, информира Министерството за здравство.

Коронавирусот се уште е присутен меѓу нас. Во текот на 2023 година односно во јануари, февруари и март, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се лекувани вкупно 69 пациенти со дијагноза Ковид-19, а лекувањето во моментот го продолжуваат шест пациенти. Во изминатиот период починати се седум пациенти.

Пациентите кои во моментот се лекуваат на Клиниката се со средно-тешка и тешка клиничка слика, велат за МИА од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Сите лица кои се позитивни или имале контакт со заболено лице имаат издадено решение за изолација. Оттаму велат дека според достапните податоци, последната докажана варијанта на Ковид-19 во државава е кракен подваријантата на омикрон, која е високо контагиозна и заразна.

Препораките за превенција се подеднакво исти како и за претходните варијанти, односно одржување на хигиената на рацете, избегнување на присуство во простории каде има поголема концентрација на луѓе, при кивање и кашлање да се става рака на уста сѐ со цел да се спречи ширењето на флигеовите капки.

Во однос на тоа какви се шансите за нов сој на Ковид-19 во нашата држава, од Институтот за јавно здравје велат дека со оглед на тоа дека се работи за РНК вирус, шансите за мутација се поголеми.

Насоката на мутација е непредвидлива и ова се однесува на само за нашата земја, туку и воопшто, за сите земји каде што заболувањето е присутно, подвлекоа од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ.

Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари 2021 година. Заклучно со 5 март годинава, вакцинирани се вкупно 876.031 лица со барем една доза, а комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 857.128 лица.