Во просториите на Општина Тетово се одржа меѓуинституционален работен состанок посветен на превенцијата и справувањето со малолетничката деликвенција. Поводот за состанокот беа последните случувања и инциденти во кои беа инволвирани малолетни навивачи на двата фудбалски клуба од градот.

На работната средба присуствуваа градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами заедно со претставници на општината, раководството и претставници од Секторот за внатрешни работи Тетово, претставници од Советот за превенција од малолетничка деликвенција, Центарот за социјални работи Тетово, како и директорите на сите основни и средни училишта на територијата на општината.

За време на состанокот, свои обраќања имаа градоначалникот Касами и претставниците од сите надлежни институции. Во рамките на обраќањата беа презентирани досегашните резултати, преземените мерки и тековните превентивни активности кои се спроведуваат на терен.

Присутните едногласно го донесоа заклучокот дека безбедносната состојба во Тетово е стабилна и дека не станува збор за какви било меѓуетнички тензии, туку за изолирани меѓунавивачки конфликти. Оваа појава е присутна и во други градови низ државата и регионот, но во Тетово повеќе се одразува поради мултиетничката средина. Институциите упатија заеднички апел до јавноста, медиумите и политичките чинители да се воздржат од ширење дезинформации, политичка злоупотреба на ваквите настани и вештачко подгревање на тензии кои реално не постојат на ова подрачје.

На состанокот беа договорени следните конкретни чекори за претстојниот период: континуирана размена на информации меѓу СВР Тетово, Центарот за социјални работи и образовните институции за рано детектирање на ризично однесување кај младите; организирање заеднички предавања и кампањи во основните и средните училишта на тема фер-плеј навивање, толеранција и законските последици од нарушување на јавниот ред и мир; како и одржување средби со советите на родители и управите на локалните спортски клубови со цел подигнување на свеста и заедничка одговорност за безбедноста на младите.

Министерството за внатрешни работи и СВР Тетово остануваат целосно посветени на зачувување на јавниот ред и мир и најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени превентивни, но и соодветни законски мерки против сите прекршители на законот, без оглед на нивната припадност.