Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, учествуваше на панел-дискусијата во рамки на Првиот национален форум „Општини за здравје – Поттикнување локални активности за унапредување на здравјето и превенција“, која се одржа денеска во хотелот „Александар Палас“. Форумот се организираше во соработка со Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа и со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО).
Целта на средбата беше отворање заеднички дијалог за можностите за унапредување на здравјето и превенцијата на локално ниво. Во таа насока, настанот ги обедини претставниците на националните институции, градоначалниците и релевантните локални партнери, кои меѓусебно разменија драгоцени искуства, идеи и добри практики.
Првиот човек на Општина Карпош, Сотир Лукровски, говореше за конкретните чекори кои општините можат да ги преземат во поглед на подобрување на здравјето на своите граѓани. Тој се осврна кон главните предизвици и потребната поддршка од националните институции за поефикасно спроведување на локалните активности за унапредување на здравјето и превенцијата.
„За нас, превенцијата не значи само да организираме здравствени прегледи. Тоа подразбира дека треба да создадеме средина во која граѓаните ќе имаат повеќе можности да се грижат за сопственото здравје, децата ќе растат со здрави навики, а повозрасните и ранливите категории ќе добиваат соодветна поддршка. Токму затоа би сакал да напоменам дека во текот на 2026 година реализиравме и поддржавме повеќе конкретни активности“, посочи Лукровски.
Градоначалникот го насочи фокусот кон редовните активности, кои според него треба да бидат дел од општинските програми и да покажат јасни и континуирани резултати.
„Во Карпош веќе имаме конкретни примери на соработка со здравствените установи, Црвениот крст, основните училишта, градинките и граѓанските организации. Преземаме иницијатива за организирање на превентивни здравствени прегледи, психолошка поддршка, здравствена едукација, грижа за повозрасните лица, развој на спортот и создавање на здрави животни навики кај децата. Затоа, за нас е важно да не започнуваме секоја година од почеток, туку да ги надградуваме активностите кои веќе ги реализираме, да ги подобриме и постепено да го прошируваме нивниот опфат“, прецизираше Лукровски.
Во тој поглед, тој предложи и конкретна превентивна активност која Општина Карпош планира да ја реализира во следните шест до 12 месеци.
„Би сакал, ние како локална самоуправа да започнеме со иницијатива под работен наслов ‘Карпош се грижи за здравјето – превенција во секоја населба’. Идејата е, во соработка со Центарот за јавно здравје – Скопје, матичните лекари и здравствените установи, да организираме локални превентивни денови во различни населби низ нашата општина. Би било добро оваа иницијатива да ја поврземе и со промоција на физичката активност, преку кратки едукативни активности за здрави животни навики, правилна исхрана и значењето на редовното пешачење. Би сакал ова да не остане само една кампања, туку да прерасне во редовна општинска превентивна активност, преку која, секоја година ќе допреме до поголем број наши сограѓани“, додаде Лукровски.
Инаку, „Општини за здравје“ се предлага како практична национална платформа за преточување на националните здравствени приоритети во координирани локални активности за унапредување на здравјето и превенцијата. Иницијативата започна токму со денешниот национален форум, а во текот на 2027 година се најавени уште две последователни форумски средби.
