Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од Н.Е. Маја Сивањанам, вонредна и ополномоштена амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Церемонијата означи продолжување на цврстите билатерални односи меѓу двете земји.

Сиљановска-Давкова потсети дека македонско-британското пријателство има длабоки историски корени, посочувајќи на заложбите на истакнати британски политичари за слободата и за правата на македонскиот народ уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Според неа, денес тоа е потврдено со стратешкото партнерство како амбициозна рамка што овозможува нови инвестиции во транспортот, енергетиката и здравството.

Осврнувајќи се на безбедноста, претседателката укажа дека како сојузници во НАТО, двете земји споделуваат заедничка одговорност за зачувување на мирот и стабилноста во Европа. Таа упати благодарност за долгогодишната британска помош во реформите на одбраната и военото образование, оценувајќи ги како особено важни во амбиент на растечки геополитички неизвесности.

Амбасадорката Сивањанам изрази подготвеност за продлабочување на соработката со македонските институции, ставајќи посебен акцент на важноста на владеењето на правото и демократијата. Според британската амбасадорка, вложувањето во младите, нивното образование и создавањето можности за нивен развој, како и унапредувањето на еднаквоста, инклузијата и зајакнувањето на улогата на жените и девојките, претставуваат клучни чекори за градење побезбедни, попросперитетни и поотпорни општества.

Соговорничките констатираа дека постои широк простор за проширување на соработката во областа на културата, науката и образованието, со посебен фокус преку програмите на Британскиот совет и стипендиската шема „Чивнинг“. На крајот од средбата, Сиљановска-Давкова ѝ посака на амбасадорката добро здравје, среќа и успех во извршувањето на одговорната дипломатска должност.