Двајца од кандидатите за канцелар, социјалдемократот Олаф Шолц и Аналена Бербок од Зелените, се упатуваат кон Северна Рајна-Вестфалија, најголемата германска провинција и срцето на германската индустрија.

Кандидатот на Христијанско-демократската унија, Армин Лашет е во Баварија, јужна Германија, каде што се надева дека сестринската партија на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија, ќе победи на изборите.

Последните настани во рамки на оваа кампања и на Шолц и на Лашет се планирани за утре.

Предноста на Лашет над Шолц речиси исчезна за време на кампањата, а сега анкетите покажуваат дека разликата меѓу нив не е повеќе од два или три проценти. Доколку победи Шолц, тоа ќе биде значајна политичка промена во Германија, каде доминираат конзервативците на канцеларката Ангела Меркел речиси 16 години.

Блиските резултати на политичките сили вклучени во трката доведоа до сериозни шпекулации за тоа како би изгледала новата владејачка коалиција. Меркел, која стоеше настрана во поголемиот дел од кампањата, денеска и утре ќе учествува во кампањата на Армин Лашет, јави ДПА.

Меркел ќе ја извршува функцијата германска канцеларка се додека не се формира нова влада.