Европската комисија им предложила на земјите-членки на Европската Унија и на државите од Западен Балкан да започнат разговори за склучување договори за издавање долгорочни визи за професионалните возачи. Предлогот има цел да ги надмине проблемите со кои тие се соочуваат поради Системот за влез/излез (ЕЕС), изјави денеска европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер.
Во интервју за Европскиот весник (ENR), Брунер посочи дека Хрватска веќе има склучено договори за долгорочни визи со земји од Западен Балкан, наведувајќи ја како пример што би можеле да го следат и другите земји-членки на Европската Унија. Тој најави дека ќе им предложи на државите од регионот да започнат разговори и со останатите членки на ЕУ за воспоставување вакви договори.
„Тоа е излезот засега. Ако земјите-членки можат да издаваат дозволи за престој, долгорочни визи, тоа е до земјите-членки. А на долг рок, се обидуваме да најдеме решенија во новата визна политика. Затоа разговараме со земјите-членки“, рече Брунер.
Тој нагласи дека ваквото решение е важно не само за професионалните возачи, туку и за европските компании кои се погодени од воведувањето на новиот систем.
Брунер истакна дека поради овој проблем ги посетил Србија, Црна Гора и другите земји од Западен Балкан, со цел да се пронајде прифатливо решение. Според него, земјите-членки на Европската Унија во моментов не се подготвени да ги менуваат правилата на Системот за влез/излез (ЕЕС) за да ја подобрат ситуацијата, поради што договорите за долгорочни визи засега се сметаат за најреално решение.
