Со изведување докази и сослушување сведоци, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжува судењето против пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, обвинет за сообраќајната несреќа во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски.
Во пресрет на рочиштето, семејството преку писмено соопштение изрази незадоволство од ставот на обвинетиот изнесен на претходното рочиште, кога тој изјавил дека не чувствува одговорност за загубениот живот. Ваквиот однос тие го оценуваат како длабока навреда и сериозно потценување на правдата.
– Јавно прашуваме што уште треба да се случи за да признае вина за одземен човечки живот? Колку вреди живот на едно дете, ако неговото згаснување не буди ни трошка совест? Матеј не загина случајно. Тој го загуби животот поради туѓа неодговорност, непочитување на правилата и свесно ризично однесување. Наместо соочување со вистината, денес гледаме негирање, избегнување и целосен недостаток на човечност. Ова не е само наша лична трагедија, ова е прашање на одговорност и безбедност за сите. Ако за одземен живот нема одговорност, тогаш каква порака испраќаме како општество? – стои во соопштението од семејството.
Сообраќајната несреќа се случи лани на 14 септември по полноќ во скопското село Марино. Основното јавно обвинителство Скопје го товари Јанчев за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Според обвинението, тој управувајќи автомобил „хјундаи тусон“ непрописно свртел без да се увери дека нема да ги загрози другите учесници во сообраќајот, по што во неговото возило удрил мотор „јијинг“.
Според информациите од Обвинителството, моторот бил без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, управуван од 16-годишниот Димовски кој не поседувал возачка дозвола, а тој и неговата 13-годишна сопатничка не носеле заштитни кациги. Момчето им подлегна на повредите 26 дена по несреќата, додека девојчето беше потешко повредено.
По несреќата, партијата Левица излезе со став дека нивниот пратеник не бил во алкохолизирана состојба и оти несреќата се случила поради удар на нерегистриран и неисправен мотоцикл без светло, чиј возач возел со неприспособена брзина и се забил во совозачката врата од автомобилот.
